Почетоците на основното училиште „Братство„ датираат уште од далечната1945 година кога училиштето започна со работа во селото Горно Нерези.

Веднаш по ослободувањето во 1944 година се пристапи кон организирање на основното училиште. Наставата за учениците по македонски јазик започна во древниот манастир “Св Пантелејмон”, а за учениците по албански јазик, во џамијата во Селото Нерези.

Првиот чекор за задолжително школување започна во почетокот на 1945 година. Во истата година во Селото Горно Нерези за прв пат во историјата на македонскиот народ, се отвори училиште на македонски и албански наставен јазик.

Веднаш по ослободувањето, се зголеми бројот на жителите во Средно Нерези и Долно Нерези. Поради тоа во 1947 година се отвори училиштето на албански јазик во зградата (бившата станица на пионерскиот воз), а учениците на македонски наставен јазик во просториите отстапени од хромниот рудник Радуша, во населбата “Хром” крај Вардар – Ѓорче Петров. Во споменатите училишта наставата се одвиваше до IV одделение, додека понатамошното школување, учениците го продолжуваа во ОУ ”Мирче Ацев”- Ѓорче Петров, ”29-Ноември” и ”Лирија”.

Заедничкот живот и сожителство на Македонците и Албанците во селата: Горно, Долно и Средно Нерези, Крушопек и другите села допринесе да се изгради училишна зграда во Долно Нерези за учебната 1958/59 година, и за прв пат им овозможи на учениците заеднички да отпочнат да се школуваат во една училишна зграда на свој мајчин јазик. Новото училиште беше наречено “Братство”- Скопје. Веќе наредната учебна година 1959/60 година се отворија две петти одделенија на македонски и албански јазик. Така на тој начин беа отворени можности за школување до VIII одделение во своето место на живеење.

Како растеше бројот на жители во населбата Долно Нерези имаше потреба од изградба на нова училишна зграда. Изградбата на објектот беше започната на време и во учебната 1962/63 година истиот беше даден на употреба. Но тоа траеше кратко бидејќи овој дел на градот Скопје беше зафатен со голема поплава во 1962 година.

Поголема несреќа беше предизвикана и од катастрофалниот земјотрес што го зафати Скопје и околните села на ден 26 јули, 1963 година. По земјотресот беа изградени 18 населби и една од тие населби е “Тафталиџе 2 ” што е сместена по урбанистички план меѓу Долно и Средно Нерези.

На овој простор е изградено современо училиште. Училишната зграда беше монтажна од англиски тип и таа беше дадена во употреба во учебната 1964/65 година. Во текот на годините биле превземани помали зафати заради нејзино тековно одржување.

После повеќе од 5 децении постоење, во 2012 година, благодарение на иницијативата и финансиската помош од Општина Карпош како и на големиот ентузијазам на Градоначалникот Стевчо Јакимовски, се случи комплетнa iz на училиштето “Братство”. За изградба на истото од темел до покрив, беа употребени најсовремени материјали кои ги задоволуваат најстрогите критериуми за објект од ваков вид, со модерна топлотна и звучна изолација, која ќе придонесе за значајна заштеда во нашето работење.

Свеченото отварање на новото училиште се случи на 07.09.2012 година во пресрет на одбележување на Денот на Независноста на Р. Македонија  и во тој дух беше испратена порака дека децата се нашето најсаканото богатство, нивното образование е најголемиот благодет за една нација, а создавањето на услови за нивно слободно и квалитетно образование е најмудрата долгорочна инвестиција.

Со тоа учениците добија здрава и безбедна училишна средина и одлични услови за стекнување на своето образование. За наставниците во новото училиште се создаде мотивација, но и обврска повеќе за постигнување на уште подобри резултати во сите сфери на училишното работење